„Турските серии – само наивна забава за масите?”

Постои една стара латинска метонимика која гласи: „panem et circenses“ или во превод „леб и циркус“. Денес најчесто можете да ја слушнете во формата „дајте му на народот леб и игри и тој ќе биде среќен“. Старите Римјани многу рано ја разбрале силата на ваквите приказни и нивната моќ која овозможува да се контролираат широки народни маси.

Bread and Circuses

Формите и типовите на „циркуси“ во текот на милениумите се менувале и еволуирале во зависност од потребите на широките народни маси, а денес во Македонија тоа најчесто ни се сервира во форма на турски серии.

Прашањето е колку се „наивни“ турските серии и каква улога тие играат?

Денешниот премиер на Турција и чест посетител на Македонија, проф. д-р. Ахмет Даватоглу во 2001 година напиша една интересна книга под наслов „Стратегиска длабочина“. Книгата покрива огромен број на прашања од надворешната политика, а секако таму Балканот е една од централните теми. „Стратегиска длабочина“ е одраз на едно вртење на секуларна Турција кон своите исламски корени и историското наследство од Отоманската империја. Во книгата Даватоглу објаснува дека со формирањето на турската република доаѓа до „историски дисконтинуитет“ и дека сите поранешни сфери на интерес на Отомаската Империја би требало природно да бидат зони на интерес за денешна Турција. Токму по таа аналогија на нештата, Балканот е дел од турското наследство и зона на која турската надворешна политика треба да посвети значително внимание, се со цел да се врати нивното историски заслужено присуство на овие простори.

kniga

По доаѓањето на власт на неговата партија, Даватоглу како поранешен Министер за надворешни работи а сегашен Премиер на дело ја реализира својата стратегија. Неговата замисла за повторно „потурчување“ на балканските простори  се темели на „soft policy”. Економска соработка, културна размена, заедничка историја се само дел од елементите кои се користат во ваквиот вид на политика. Сапуниците или новелите се само дел од таа стратегија за повторно збратимување и доближување на Турција со балканските држави. Преку јакнење на така наречените културни и историски врски турската држава на мала врата продре и го прошири своето влијание. Во периодот во кој се случува културното зближување и турските компании се збратимуваат со македонската и балканските економии и некако незабележително влегуваат и ги освојуват пазарите. Од друга страна овие серии нудат една искривоколчена историја, која се преработува за да одговара на потребите на пропагандната машинерија на турската држава. Сериите како што се „Сулејман Величенствениот“ и „Збогум Румелија“ се најдобар пример за тоа.

wide_1944006_1717120625

Користењето политика на принуда и сила не би било нешто што би дало резултати, но затоа ваквата прикриена политика на културно збратимување дава одлични резултати. Речиси половина Македонија и Балкан се заковани пред екраните, од утро до мрак следејќи ги сапуниците и добро подготвена пропаганда со примеси на циркуски игри.

Но „наивноста“ на сериите е мулти-димензионална. Турските серии станаа популарни и масовно добија на гледаност во државава после доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт (иако нивниот влез на пазарот започна нешто порано). Временскиот период на нивна популаризација речиси целосно кореспондира со почетокот на нивното владеење.

Речиси секоја национална телевизија дневно прикажува по три турски сапуници. Секако телевизиите тоа можат да го оправдаат со фактот што турските серии се најевтини на пазарот. Не постојат ли на пример евтини серии од Русија, Данска, Шведска, Италија, или било која друга држава на светот? Зошто националните телевизии имаат толку еднолика и сиромашна понуда?

Добивката на македонската владина пропагандна машина лежи во тоа што преку целосно прекривање на македонскиот медиумски простор со евтини турски (и останати) сапуници успеа од телевизиите да направи „пиончиња“, кои на народот му сервираат само циркуски игри и целосно ги отстрани образовните, документарните и научните програми од етерот. Со контролирани и нарачани вести и екстремно осиромашена и лимитирана понуда на било каква програма, на народот му остана целосно да се пронајде во турските „херои“ како на пример Сулејман Величествениот. (Наводниците околу зборот херои во никој случај не се случајни, туку служат да го потсетат читателот на тоа како ни се сервира една „братска“ турска историја).

Која е културната политика на владата, да го направи она што не им успеа на турците цели 500 години, да не потурчи?

Дали некој од вас се сеќава кога последен пат седнал пред малите екран и гледал програма снимена во Македонија независно од кој жанр: образовен, културен, забавен или било кој друг? (Доколку одговоривте со „Бушава Азбука“ одговорот не ви се признава серијалот е постар од 30 години).

busava

Еве ќе ви помогнам, последната серија која јас ја гледав беше легендарната „Салон Хармони“ –продуцирана 1998 година. (ако името не ви звучи познато ништо страшно веројатно сте премлади па не сте ја гледале).
Сапуниците кои прават „сапун“ од мозокот на народот се доста корисни за тие што сакаат мирно да владеат, евтино купуваат мир во домот, го одвлекуваат вниманието на народот од проблемите, им ги лечат маките и раните, дозволувајќи и на владата мирно да спие. Аргументот дека пазарот сам по себе природно ја носи доминицијата на турските серии не држи вода. Една сериозна држава мора да има своја културна стратегија која ќе служи како катализатор за тоа што може и од кој може да му се „сервира“ на народот. Таа долга битка за независност и сета таа пролеана крв за создавање независна држава во која ќе се неутрализира влијанието на странските пропаганди се чинат залудни. Токму затоа и плаќаме даноци за да можеме да гледаме програми на свој мајчин јазик. Вложувањето милиони во 100 метри квадратни, аматерски анимирани серии за античка Македонија и преведувањето на книги на странски класици од кои се читаа по само 3 примероци неможе да се сметаа за сериозна културна стратегија на една држава.

Во интервјуто за Би-Би-Си на извршниот директор на „Глобал Ејџенси“ (главен дистрибутер на турските серии) г. Изет Пинто вели: „Им ја покажуваме Турција на милиони гледачи, им прикажуваме одлични пејзажи, ги учиме за нашите обичаи и традиции за начинот на кој живееме. Преку таа „soft power” имаме огромна моќ над луѓето“. Наредниот пак кога ќе одгледате една епизода од вашата омилена турска серија, запрашајте се колку знаете за македонските обичаи и историја, а колку за турските. Можеби тука ќе го пронајдете одговорот на прашањето колку се наивни турските сапуници.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading