Водоча – (не така) кратка историја – oд 1905 до 1940

Водоча ќе биде сериозно потресена веќе наредната 1906 година, од една афера која на нозе ќе ја дигне целата струмичка котлина. Имено, на почетокот од 1906 година една муслиманска банда убила шестмина селани-дрвари од селата Дабиља, Добрејци и Водоча, во пределот околу селото Попчево наречен, Попчевската Планина.

Веста за настанот веднаш стигнала во градот, а првата реакција на Организацијата (ВМРО) била, преку селските комитети да се повика селското население на масовен протест. Во подготовките на акцијата најмногу се заложил и истакнал Костадин Самарџиев. Протестот започнал истиот ден, а сите дуќанџии се приклучиле и затвориле своите дуќани. Градското население масовно се вклучило во протестот. На чело на демонстрантите застанал попот Васил Истирски од Робово.

Костадин Самарџиев, наречен Џемото

Повеќе од 8.000 луѓе зеле учество во протестот. Имено, протестот запрел пред околиското управление (уќуматот) и тука биле донесени и растоварени труповите на убиените селани. Останал запишан крикот на еден селанец од Моноспитово кој по силни удари на портите извикал: „Кажете ни каде да се иселиме, штом не можете да ни го гарантирате животот”.

Врз портите се нафрлиле и други демонстранти. Тоа го принудило исплашениот кајмакам да излезе на балконот, да ветува и да ги смирува разгневените селани и граѓани. На кајмакамот потоа му била предадена протестна резолуција од името на демонстрантите, со која се барало да престанат убиствата и да се казнат виновниците. Оваа масовна легална политичка акција била прва од ваков вид и како нова појава во Македонија, била забележена и од редакцијата на „Револуционерен лист” и им била препорачана низ другитеградови. Па така со оваа мала трагедија, Водоча, создала нов тренд, со кој зад македонското револуционерно движење уште поцврсто и помасовно застанале македонските маси, кои користејќи ја оваа нова форма на протест барале за себе сигурност и слобода.

Револуционерен лист

Од усни пренесувања знаеме дека Водоча била и беговско село, беговската кула и нејзините темели, беа видливи се до доцните деведесети години, иако истата била напуштена под налетот на балканските војни во 1912. Со побегнувањето на бегот од водочката кула симболично се означува и крајот на османско-турското господство на селото кое траело точно 529 години.

За жал Првата Балканска војна е само почеток на еден подолг разорен период не само за Водоча туку и за целата струмичка котлина. Во средината на октомври 1912 воениот виор сè повеќе се приближувал и кон Струмичко, а по краткотрајно судрување кај Радовиш, на 21 октомври 1912 година, во Струмица влегла една чета од бугарската војска. Утредента бугарските единици влегле свечено и масовно, продолжувајќи го напредувањето во правец на Солун. Истиот ден влегле и српски војски во градот. Воената власт во Струмица им била дадена на српските единици, кои се сместиле во градот. Започнувајќи од тука па се до 1921, во Водоча и струмичката котлина постојано ќе се менуваат администратори. Па така, во Втората балканска војна Струмичка околија останала во бугарско владение, додека соседните Малешевка, Радовишка и Гевгелиска — ги задржале Србите. На југ од Беласица териториите ги заграбиле Грците. Границата со Србија на југ поминувала јужно од селото Костурино, делејќи ја Струмица од Валандово.

Колку несигурен бил периодот од 1912 до 1921 говори и фактот што со цел да ја предадат Струмица во разурната состојба, на 8 август грчките војски го запалиле градот. Следниот ден, Струмица повторно била запалена од повеќе страни. Пожарите стивнале дури на 15 август 1913 година. Тогаш градот и околината биле претворени во пепел.

Водочкиот манастир 1906

Согласно со одредбите од Букурешкиот договор, на 17 август грчките окупатори го напуштиле градот, оставајќи го на бугарската војска, која истиот ден го презела. Новите завојувачи навистина ја нашле Струмица во пепелишта и урнатини. Освен градот настрадале и многу струмички села. Од Грците биле изгорени, целосно или делумно, селата Костурино, Раборци, Попчево, Дабиља, Ново Село, Зубово и Чам Чифлик. Последното село повеќе и не се обновило. Дел од семејствата од тоа село се преселиле во Водоча. При своето заминување грчката војска го запалила и прочуениот манастир во Вељуса, чии конаци, а делумно и цркви, исто така изгореле. Водочкиот манастир во тоа време веќе бил руиниран па се спасил од слична судбина.

На 29 септември 1918 година, по склучениот мир во Солун во Водоча и струмичката котлина ќе дојдат англиски и француски единици. Според одредбите од примирјето Струмица и Струмичка околија останале под привремена управа на бугарските цивилни власти, и на воените претставници на француската и англиската војска. Тоа бил некој вид кондоминиум, или заедничка бугарско-сојузничка цивилна и воена управа. Бугарска војска во Струмичко не останала. Во градот биле стационирани само 150 војници од француската колонијална пешадија. Привремената заедничка управа во Струмица завршила во ноември 1919 година. Според одредбите на Версајскиот (Нејски) мировен договор, на Бугарија било наложено Струмица и нејзината околија да му ги отстапи на новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците.

Запалувањето на градот Струмица и последователните воени дејствија ќе имааш кошмарни последици и за Водоча, затоа што како и целата котлина, селото ќе подлегне на пустошењето не само од војните туку и од болеста колера, која речиси ќе го испразни селото.

Па сепак, Водоча повторно ќе се изгради од пепелта. Следувал период на обнова и раст. Според раскажувањето на селаните во тој период на една “Тодорова Сабота“ имало дури 72 невести. Имено „Тодорова сабота или Тодорица/Тодорија“ е православен христијански празник кој се слави во првата сабота од велигденските пости, односно првата сабота по Прочка. Според селската традиција, сите невести од селото кои од една Тодорица до друга се венчале во манастирот треба на тој ден да дојдат во црквата и донесат варена пценица и погача. (денска селото има само 80 куќи, а овој податок покажува дека во тој период имало барем 200 куќи).

Водочани сведочат дека за време на српската окупација помеѓу војните доста често биле малтретирани доколку не ги поздравеле српските џандари со „добро јутро“ или ако ги поздравеле со македонското „добро утро“. Уште еден интересен подато кој произлегува од кажувањата, е дека бугарската војска, била таа која ги исчистила соседните села од турските жители, по самото нивно влегување во 1912, но Водоча немала такво искуство затоа што освен бегот во селото не живееле турци.

Интересен податок од ова време е што првата кожна фудбалска топка е набавена во селото Баница, таа останала кај некој селанец од англиските војници. Група младинци ја откупиле од селанецот и долго играле. Не постојат пишани докази дали на легендарното „Стрелиште“ уште тогаш се играле натпреварите помеѓу Баница и Водоча, но токму во овој дел од котлината за прпат се појавила фудбалската топка и заживеал фудбалот во Струмица.

Продолжува….

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading